На денешен ден е роден Григор Прличев,18 јануари 1830 г. во Охрид, во сиромашно, но трудољубиво големо семејство на Ставре Прличев и Марија Ѓокова. Уште не дополнил 6 месеци, а веќе останал сираче – починал неговиот татко. Останале само неговиот дедо, висок, белобрад и лесен земјоделец и неговата мајка која почнала да работи по куќите како слугинка за да може да го прехрани своето многучлено семејство. Ваквата тешка положба кај него ќе побуди потреба и должност таа мака да ја преточи во дело, како за себе напишано, својата автобиографија.Се додека Димитрија Миладинов не го посетил Охрид (1848 г.), Прличев учел кај месни учители грчки јазик, кои не ни биле вистински педагози и предавачи. Тие биле шијачи кои Прличев не можел да ги поднесува затоа често изостанувал од училиште. Му помага на „таткото“ на македонската преродба, Димитрија, за подоцна и тој самиот извесен период да предава во Тирана (Албанија). Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет, иако никогаш не пројавувал поголема заинтересираност кон медицинската наука. Затоа продолжува да учителствува во село Белица, Струшко (две години), па потоа во Битола, Прилеп за на крај да остане 6 години учител во родниот Охрид. Во 1859 г. се враќа на студии во Атина каде го започнува делото „Сердарот“, со намера да учествува на големиот атински поетски конкурс. Следната година (1860) токму тој е победникот на конкурсот и освојува Лавров венец и 1000 драхми со можност за студирање во Оксфорд или Берлин. Но ненадејната вест за смртта на браќата Миладиновци ќе го вознемири Прличев и силно ќе го ориентира да се насочи кон грчките фанариоти за да ја одмазди неправедната смрт на своите патрони. Се враќа во Охрид ,стекнува голем број на непријатели на свој грб, а меѓу нив и погрчениот владика Мелетиј, одговорен за смртта на Миладиновци. Ќе биде затворен (1868 г.) во дебарскиот затвор, поради клевети од истиот владика. Но по една година Мелетиј е тргнат од власта, а Прличев е пуштен на слобода. Во 1871 г. го објавува препевот на Хомеровата „Илијада“ . Прличев ќе се врати на учителската дејност во Битола најпрво, па потоа во Солун. Во периодот (1883-1890) започува да ја пишува својата „Автобиографија“, која ќе биде објавена по неговата смрт во Софија. Умира на 6 февруари 1893 во Охрид. Погребан е во дворот на црквата „Св.Богородица Перивлепта“.