Учениците од 9б одделение, Викторија Несторова, Елена Бошева и Кристијан Митрев оваа година имаа можност да бидат вклучени во програмата на Општинската Организација на Црвен Крст – Кавадарци во програмата Црвен Крст во Акција – Промоција на Хумани Вредности, циклус 2022 година. Во рамките на таа програма овие ученици заедно со уште 15 ученици од останатите училишта во општината, имаа можност да поминат три еднодневни обуки, каде учеа за тоа како се изработуваат мали проекти за добробит на заедницата и како се креаира и реализира хуманитарен настан. По завршување на обуката, нашите ученици имаа за задача да изработат мал проект за социјално загрозено семејство, на кого им беше потребно дел од покуќнина во домот, електрични апарати, како и облека и храна за најмалиот член во семејството – 8 месечно бебе. За да можат да ги остварат своите цели, овие млади лица организираа два хуманитарни настани – Хуманитарен турнир во фудбал со ученици од нашето училиште од предметна настава во соработка со ФК Тиквеш – Кавадарци, како и креативни работилници со учениците од второ одделение во одделенска настава од каде произлезе и Хуманитарниот базар под мото: “Биди хуман, купи цвет, заедно за подобар свет.“ Преку овие настани учениците учеа за ПХВ програмата, за хуманоста, за помагањето, за соживотот. Всушност, тоа се вистинските вредности кои треба да ги поседува секого од нас, а тоа гледаме да го вткаеме во срцата на нашите најмили – учениците уште од најмали нозе. Или како што рекол познатиот Махатма Ганди – Човекот станува великан согласно нивото на кое работи за доброто на другите луѓе. Горди сме како училиште што имаме хумани ученици кои се залагаат за подобрување на секојдневието, како нивното, така и на оние лица на кои им е најмногу добредојдена ваквата помош.